Веќе неколку недели се шпекулира за можно вклучување на Алијансата за Албанците во владата, но се уште без конкретна понуда до оваа партија. Вршителот на должноста претседател на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, синоќа во „Клик плус“ уште еднаш го повтори ставот дека до АА не стигнала до таква понуда.
„Нема понуда, ова го кажав пред 2-3 недели и продолжува да биде така. Додека ако има, јас сум кажал дека ќе ja разгледаме и мислам дека ако има понуда да се влезе во Владата, мислам дека тоа не треба да биде исклучиво на еден човек кој одлучува дали треба или не. Ако ме прашате мене лично, имам свои дилеми кои мислам дека нема да ги искажам овде вечерва бидејќи тоа е многу сериозна работа со која мора да постапат партиските органи“, рече В.Д. претседателот на АА, Арбен Таравари.
Ги прашавме партнерите од владината коалиција дали ќе ја пречекаат Алијансата за Албанците во владиниот кабинет. Од ДУИ со одговор:
„Политичките околности како што се уставните измени, почетокот на разговорите со ЕУ и големите обврски кои произлегуваат од овие разговори во насока на големата реформа што се наметнува, енергетската и економската криза навистина наметнуваат поголема координација меѓу политичките сили, но дали тоа ќе резултира со каква било конкретна и формална и институционална соработка, секако дека ќе треба да се разговара на сите нивоа и не можеме да прејудицираме во овој момент“, велат од ДУИ.
Од Алтернатива на Гаши немаат проблем. Тие велат дека АА може да одигра важна улога во зајакнувањето на оваа влада и проевропската агенда на земјата.
„Не веруваме дека Алијансата за Албанците сака да влезе во владата, тоа е затоа што вклучувањето на Алтернативата во владата го нарекоа перверзност, но ако тоа го надминаа и сакаат да и помогнат на оваа проевропска влада, ние – како и секогаш сме велеле – можеме да бидеме само сојузници и соработници“, изјавија од Алтернатива.
Дури и премиерот Димитар Ковачевски, прашан во „Клик плус“ дали е можно Алијансата за Албанците да влезе во коалиција, Ковачевски рече дека конкретно не разговарале за такво нешто.
Премиерот постојано го повторува ставот дека парламентарното мнозинство и владата се стабилни.
