Границите на Северна Македонија денеска се отворија за влез и излез. Ова го објави Владата. Со слушањето на веста многу граѓани резервирале билети а неколку туристички агенции пуштиле линии за надвор од земјава.
Но во усвоената владина уредба не е прецизирано дали и автобусите можат да организираат патувања, со што патниците кои тргнале денеска останале заглавени на граница. 4 автобуси од една туристичка агенција биле блокирани бидејќи агенцијата на своја рака организирала патувања. Во меѓувреме разговаравме со сопственикот на една друга агенција. Тој вели дека агенциите не треба да манипулираат со патниците продавајќи им билети додека границите не се отворат целосно.
„Ние се распрашавме на сите гранични премини каде што поминуваме и од граничниот премин Табановце ни се обратија, ќе ги цитирам, со овие зборови „Немојте да тргате, се уште не постои протокол за автобуси“. Ние вчера во сите канцеларии кои ги имаме во Македонија и Германија, имавме илјадници повици, луѓето мислеле дека се отворени границите. Границите се отворени, но има олеснувања можеби за автомобилите, но за автобусите не е дозволено. За жал дел од туристичките агенции прават авантури на сметка на граѓаните.“, рече Џумали Бајрами од „Насри Турс“.
ТВ21 ја праша Владата дали со отворање на границите можат и автобуси со патници да ја поминат нашата граница. Од Влада велат дека се уште е на сила одлуката за забрана и агенциите не можат да организираат транспорт. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во текот на викендот ќе се разговара дали може да се организираат патувања со автобуси.
Вчера Владата на РСМ донесе одлука – почнувајќи од 17 јуни да се отворат сите гранични премини, почитувајќи ги мерките кои се на сила. При влез е неопходно да се покаже негативен ПЦР за КОВИД-19, не постар од 72 часа и доколку имате негативен ПЦР тест треба да потпишете изјава за домашна самоизолација од 14 дена, при што потоа МВР врши контроли. Доколку лицата кои влегуваат во земјата немаат ПВР тест за корона вирус, тогаш останува на сила мерката за државен карантин од 14 дена. Исто така останува можноста, лицата кои се во државен карантин и сакаат да направат ПЦР тест, по нивно барање, тоа да им се овозможи од надлежните институции.
