„Ова не е затвор ова е хотел промаја“ – Пандов ноќе извршил инспекција на затворот Шутка, бил фрапиран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова не е затвор ова е „хотел промаја“, вака реагираше вд директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов, откако деновиве извршил вонредна инспекција на затворот во Шутка. Надзорот бил спроведен во ноќните часови од 23 до 3 часот утрото а Пандов вели дека тоа било спроведено откако добил информации дека секојдневно отсуствуваат поголем број затвореници. Тоа е многу опасна работа, бидејќи затвореникот може да направи тешки кривични дела, а во исто време да има алиби дека е во затвор вели Пандов.

„Од тие 180 затвореници, ние одевме од еден во друг дел, ќелија по ќелија се прозиваа затворениците, 11 осудени лица не беа присутни во своите ќелии.  Четворица лица од овие 11 кои што не ги најдовме таму во затворот Скопје утрово во 4 и 55 часот, четири не се наоѓаат таму и се наоѓаат во бегство“, вели Александар Пандов. 

Дел од затворениците ја добиле информацијата дека ќе се прави таква инспекција од директорот на Управата и пред Пандов да се појави во затворот, тие се вратиле во казнено-поправната установа . За целата оваа состојба во затворот Шутка Пандов го обвинува директорот Филип Андов – Сокол.  Затворската полиција пак се пожалиле дека затворениците се однесувале како што сакаат и дека тие биле дури и посилни од нив заради заштитата од самиот директор. Пандов најави дека многу брзо ќе има смена на директорите на затворите.

„Кога ќе го изготвиме записникот ќе го доставиме и до Обвинителството, во меѓувреме јас го информирав  премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски и го замолив, не само Сокол, затоа што моите информации се, овде првично појдовме, дека во најголем дел од затворите во Република Македонија, не велам дека е иста, но дека е слична состојбата дека затворите нас ни се хотел промаја“, додава Пандов.

Но, Пандов веднаш по неговото назначување потпишал 10-дневно отсуство на затвореници за случајот 27 април. За тоа се правда дека ги потпишал сите барања за кои имале документација за здравствен проблем и дека тоа го направил на петмина затвореници меѓу кои имало и од случајот со нападот во Собранието. Во однос на случајот со Катица Јанева рече дека не само таа туку и сите оние кои нема да бидат на работното место, ќе им биде одземено правото да работат. Јанева има повторно право да побара да работи, но дали ќе и одобри, Пандoв одговори – нека побара.