Пад на цените на нафтата, протокот преку Ормускиот Теснец се враќа кон нормала

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цените на нафтата на светските берзи во средата се намалија, откако во текот на септември бележеа раст. Врз движењето на пазарот влијаат најновите податоци за опоравување на извозот на нафта од земјите во Персискиот Залив, кој повторно се приближува до нивото од периодот пред војната.

Во моментот на пишување, цената на северноморската нафта „Брент“ изнесуваше 97,36 долари за барел, додека американскиот „Вест Тексас Интермедијат“ (WTI) се тргуваше за 89,57 долари за барел.

Според податоците на „Кплер“, извозот на нафта преку Ормускиот Теснец достигнал речиси 80 отсто од нивото пред војната. „Џеј-Пи Морган“, пак, проценува дека протокот достигнал дури 98 отсто од претходното ниво.

Од „Голдман Сакс“ наведуваат дека протокот на нафта од Блискиот Исток достигнува 23,3 милиони барели дневно.

Аналитичарите за суровини на „Голдман Сакс“, чии проценки ги пренесува „Блумберг“, посочуваат дека намалувањето на иранскиот извоз е проследено со зголемен извоз од други производители во Персискиот Залив.

Според нивните проценки, извозот на Саудиска Арабија во септември повеќе од двојно се зголемил и го надминал просечното ниво што било предвидено за 2025 година.

И покрај информациите за одредени инциденти во Ормускиот Теснец, пазарот засега останува релативно стабилен. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека безбедносните ризици во регионот продолжуваат да влијаат врз трошоците за транспорт на нафтата.