Паднал во шахта, платил 200 илјади денари, судијата негира дека го прогласиле за виновен бидејќи не внимавал каде оди

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Паднал во отворена шахта, но наместо оштета, морал да плати 200 илјади денари. Ова му се случило на Илија Џепароски од Охрид кој тврди дека се здобил со тешки повреди. Случајот го пријавил во полиција и поднел кривична пријава против ЈП Нискоградба, но наместо оштета, морал да плати 200 илјади денари по одлука на Судот во Охрид, бидејќи според судот не внимавал каде оди. Според Џепароски ова е “голема неправда“ кој вели дека случајот го изгубил на Апелација, а сега е на извршител.

За оваа пресуда Џепароски вели дека судијата потврдил дека тој се здобил со повреди, но нема доказ дека истите се од падот во шахта. Но Џепароски вели дека сведоци се минувачите и камерите од околните продавници, но тие не се земени предвид.

Реагира судијата Благоја Стрезоски, кој ја донел одлуката. Вели дека невистинити се тврдењата на Илија Џепароски дека се повредил бидејќи паднал во отворена шахта, и дека е прогласен за виновен бидејќи „не внимавал каде оди“. Според судијата на Основниот суд Охрид, тужителот се обидува да испрати лажна слика во јавноста за судот и судиите.

„Таквите наводи на Џепароски се комплетно неосновани, бидејќи судот изведе опширна доказна постапка и во таа постапка не се утврдија неговите наводи дека настанала повреда од пад во шахта. Значи за судот беше неспорно дека тој е повреден, но не од пад во шахта. Самиот тужител во доказната постапка достави фотографија од која може да се види дека шахтата била тампонирана и никако не можело да се случи тој да има пад во шахта.“, ијави судијата Благоја Стрезоски.

Од друга страна ЈП „Нискоградба“ вели дека изјавите на Џепароски се опширни и невистинити и дека тој побарал 3 милиони денари оштета од претпријатието, но судот врз основа на докази констатирал дека неговите повреди не настанале од пад во шахта.

Џепароски додава дека се обратил и до тогашниот министер за правда Никола Тупанчевски и до Адвокатската комора, од каде, како што вели, добил одговор дека претходно немале ваков случај. Џепароски вели дека ќе бара средба со претседателот на државата, министерот за правда и градоначалникот на Охрид за да докаже дека правдата е на негова страна.