Паѓа бројот на заразени, продолжува вакцинацијата – Кичево со само 4 хоспитализирани пациенти со ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Значително намалување на бројот на заразени со Ковид-19 во Кичево. Во ковид-центарот има само 4 хоспитализирани пациенти, бројка која е далеку помала во споредба со крајот на април, кога во болнички услови се лекуваа 36 пациенти.

Директорот на болницата, Станко Трпески, вели дека во моментов во Кичево има околу 80 заразени пациенти сите во стабилна состојба.

Процесот на имунизација продолжува. Во Кичево вкупната бројка на вакцинирани е 3.000 граѓани, 1.500 со „Синофарм“ и 1.500 со „Астра Зенека“. Со „Синофарм“ почна и ревакцинацијата.

Од пункт за вакцинација велат дека како првата, така и втората фаза поминале непречено и ниту еден граѓанин не пројавил нус појави од вакцината.

Главниот вакцинален пункт за кичевчани е во Охрид и Битола. Во овие градови ќе се вакцинираат лицата кои се пријавиле преку апликацијата “vakcinacija.com”, а во Кичево пак, ќе се имунизираат граѓаните кои аплицирале преку системот „Мој термин“ преку матичниот лекар.