Пак одложено судењето за пожарот во модуларната болница: Семејствата бараат да се покрене обвинение и против Филипче и Анѓушев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Рочиштето за повторното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово е одложено за 5 ноември. Причина е отсуството на одбраната на обвинетиот Артан Етеми. Судијата на предметот Јордан Велковски посочи дека адвокатот испратил лекарска потврда дека е на боледување. Од друга страна, семејствата на жртвите велат дека одложувањето на рочиштата е неразумно и несериозно. Очекуваат на овој предмет да се додадат и други обвинети како поранешниот министер за здравство Венко Филипче и Кочо Анѓушев.

-Во оваа обвинение има голем број на обвинети, но државата молчи и го донесе Флорим Бесими, Артан Етеми, болницата е ослободена од обвинението, доби казна од 2 милиони денари. Колку што знам треба да биде и екс министерот Филипче кој сега стана и претседател на пратија, и јас спомнав и повторно ќе спомнам овде дека станува збор за поголем број на лица кои треба да бидат во обвинението но државата како држава донесе двајца и игра со нас, вели Мумин Исмаили, роднина на жртвите.

-Ние ги спомнавме сите семејства, таму треба да се казни министерот, тој што ја изгради болницата, Кочо Анѓушев. Овие мислат дека со овој систем ќе ни ја смалат болката, но болката како што поминува времето се зголемува кога доаѓаме тука. Овие кои се таму, и Бобан имаат свои одговорности, но не колку Филипче и Кочо Анѓушев и додека му дале на Филипче функција за да биде во Влада, се гледа дека нема ништо и надежта е многу мала, работите нема да заршат како што треба во корист на правдата, вели Ибин Емшиу, роднина на жртвите.

Флорин Бесими и Артан Етеми се товарат за дело со кое се загрозува општата безбедност. Екс директорот на тетовската болницата, Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми не се гонат за пожарот во модуларната болница во Тетово, туку затоа што не поставиле опрема за гасење пожар.

Инаку, минатата година Основниот кривичен суд во Тетово ги осуди Флорин Бесими и Артан Етеми на 1 година и 6 месеци условна затворска казна и 1 милион денари парична казна, додека Бобан Вучевски и Тетовската клиника како институција беа ослободени од обвиненијата. Во мај годинава, Апелациониот суд во Гостивар го врати предметот на повторно судење.