Пакистан го пренел американскиот предлог до Иран, а Турција или Пакистан би можеле да бидат домаќини на можни разговори за деескалација на војната во Заливот, изјави за Ројтерс висок ирански функционер под услов да остане анонимен.
Иако Техеран јавно негираше дека преговара со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, коментарите од иранскиот извор се еден од ретките сигнали дека иранското раководство сè уште е подготвено да разгледа дипломатски предлози зад затворени врати.
Иранскиот извор не откри детали за предлогот што го пренел Пакистан, ниту потврди дали станува збор за истиот американски план од 15 точки што претходно го објавија Ројтерс и други медиуми. Истиот извор рече дека Турција, исто така, „помага да се стави крај на војната“ и дека Анкара и Исламабад се разгледуваат како можни места за разговорите.
Ројтерс претходно објави дека американскиот план е испратен до Иран, а три израелски владини извори рекоа дека безбедносниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху бил запознаен со предлогот. Според нив, планот вклучува отстранување на залихите на високо збогатен ураниум на Иран, суспендирање на понатамошно збогатување, ограничување на неговата програма за балистички ракети и прекинување на финансирањето на регионалните сојузници.
И покрај овие обвинувања, Техеран продолжи да испраќа остри јавни пораки.
Ебрахим Золфакари, портпарол на Здружениот генералштаб на Иран, ги исмеа тврдењата на Трамп за „продуктивни“ разговори, велејќи за државната телевизија: „Никој како нас нема да склучи договор со вас. Не сега. Никогаш“.
Есмаил Бегаи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи, испрати слична порака, велејќи дека „нема разговори или преговори меѓу Иран и САД“ и додавајќи дека претходниот напад на Трамп врз Иран бил „предавство на дипломатијата“.
Во исто време, Ројтерс објави дека Пентагон планира да испрати илјадници падобранци во Заливот, давајќи му на Трамп дополнителни опции за можен копнен напад. Овој потег доаѓа по два контингенти маринци кои веќе се на пат кон регионот. Според извори на Ројтерс, првата експедициска единица на маринците би можела да пристигне до крајот на месецот.
Нема знаци на смиреност на теренот.
Израелската војска соопшти дека извршила нов бран напади врз инфраструктурата во Техеран, вклучувајќи и две локации каде што се произведуваат крстосувачки ракети. Иранската новинска агенција SNN објави дека нападите погодиле станбена област и дека спасувачите бараат луѓе под урнатините.
Кувајт и Саудиска Арабија, исто така, соопштија дека одбиле нови напади со беспилотни летала. Беспилотно летало погодило резервоар за гориво на меѓународниот аеродром во Кувајт, предизвикувајќи пожар, но нема жртви, соопштија тамошните власти.
Револуционерната гарда на Иран, според државните медиуми, започнала нов бран напади врз цели во Израел, вклучувајќи ги Тел Авив и Кирјат Шмона, како и американските бази во Кувајт, Јордан и Бахреин.
Речиси четири недели по почетокот на војната, која одзеде илјадници животи и сериозно ги наруши глобалните енергетски текови, можноста за преговори останува само во сенка – додека двете страни продолжуваат со воените операции.
