Панама со одговор до Трамп: За каналот не може да се преговара

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата на Панама ги отфрли изјавите на избраниот американски претседател Доналд Трамп за Панамскиот канал и порача дека за суверенитетот на каналот не може да се преговара.

„Суверенитетот на нашиот канал не може да се преговара“, рече министерот за надворешни работи Хавиер Мартинез-Ача на прес-конференција.

„Единствените раце што го контролираат каналот се панамските и ќе останат такви“, рече Мартинез-Ача, нагласувајќи дека Панамскиот канал му служи на човештвото и светската трговија.

Трамп во декември рече дека таксите за транзит на Панамскиот канал се крајно неправедни и повика на контрола на водниот пат да се врати во Соединетите држави доколку не се управува праведно. 

Републиканецот, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, им рече на новинарите во вторникот во неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида дека не ја исклучува можноста за воена акција за преземање на контролата над Панамскиот канал.

На прашањето на новинарите дали може да го увери светот дека нема да прибегнува кон воена или економска сила, Трамп одговори: „Не“. „Нема да се обврзам на тоа сега. Можеби, можеби нешто ќе треба да се направи“, додаде идниот претседател.

„Панамскиот канал е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина“, се пожали Трамп.