Фудбалските репрезентативците , Илија Несторовски, Горан Пандев и Елиф Елмас, треба да допатуваат од Италија неколку дена пред мечот, кој ќе се одигра на 26-ти месецов против Косово. Тие ќе треба да поминат низ сите процедури и контроли на аеродромите за да се провери дали имаат симптоми на вирусот. И Косово во својот состав има играчи кои играат во Италија, како што се Љирим Кастрати, Амир Рахмани и Сајмир Ујкани. Како дополнителна мерка за заштита од коронавирусот, патниците кои патуваат од Милано и Венеција ќе треба да пополнат медицински картон, со цел добивање прецизни податоци за лицата кои од Италија влегуваат во Северна Македонија.
Трите лица кои вчера се пријавиле на Инфективна клиника, двајца од Италија и еден од Шпанија, не се заразени со коронавирус. Осумтемина кинески работници од „Синохидро“ се во практична изолација и во контакт со епидемиолози, рече министерот Венко Филипче. Дека нема нови случаи, потврди и инфектологот Фадиљ Цана.
„Како што знаете имаме потврден случај во Македонија. Овој случај се третира, од ден во ден се зголемуваат сомнителните случаи, но досега излегоа негативни. Го велам ова бидејќи доаѓам од ноќна смена“, истакна Фадиљ Цана.
Од Светската здравствена организација, велат дека коронавирусот се шири бавно и нема големо влијание врз здравите луѓе.
„За грипот имаме вакцини, но во моментов нема ниту една вакцина или специфичен третман за борба против Ковид-19. Коронавирусот се шири побавно за разлика од сезонскиот грип и нема големо влијание врз здравите луѓе, но претставува поголем ризик од грипот за луѓето кои страдаат од други болести. На глобално ниво, околу 3.4% од пријавените случаи со Ковид-19, починале“, велат од СЗО.
Заразената жена со коронавирус е стабилна и во добра здравствена состојба.
Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните да ги почитуваа препораките и мерките. До 6-ти март ќе важи препораката – да не се одржуваат јавни собири и настани, а в петок Владата ќе излезе со дополнителни мерки и препораки. Во соседните земји, освен во Грција, нема заразени со вирусот. Во Европа пак, досега се регистрирани 3.364 пациенти со Ковид-19, а новите земјите каде е забележано присуство на коронавирусот се Андора, Литванија и Португалија.
