Илјадници училишта низ Италија се најдоа на удар на масовни закани за поставени експлозивни направи, откако околу 6.300 образовни установи добиле електронски пораки со заканувачка содржина. Поради безбедносниот ризик, стотици училишта беа евакуирани, а полицијата спроведе проверки на терен.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро реагираше на заканите, порачувајќи дека државата нема да дозволи анонимни пораки да го нарушат образовниот процес и секојдневието на учениците.
„Нема да дозволиме анонимна е-пошта да одлучува за училишниот календар на нашите деца“, изјави Мелони во видеопорака објавена на социјалните мрежи, по состанокот со надлежните министри и претставници на безбедносните служби.
И покрај масовните евакуации, властите најавија дека наставата треба да продолжи редовно следниот ден, по завршувањето на неопходните безбедносни проверки.
Заканите доаѓаат во период на зголемени кибернетички и безбедносни инциденти во Европа. Минатата недела биле регистрирани кибернапади врз системите за ладење во италијански супермаркети, како и лажни дојави за бомби во авиони. Дополнителна загриженост предизвикало и објавувањето лични податоци на италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на таканаречениот „дарк веб“.
Тајани за нападите ги обвини проруските хакерски групи, оценувајќи дека ваквите активности се поврзани со поддршката што Италија ѝ ја дава на Украина.
Министерот за одбрана Гвидо Крозето предупреди дека испраќањето лажни закани станало едноставен начин за предизвикување страв и нарушување на функционирањето на јавните институции.
„Ова е дел од стратегија која стана јасна: целта е сеење терор или предизвикување вознемиреност“, истакна Крозето.
Бранот закани не ја зафати само Италија. Според информациите од локалните власти, повеќе од 700 училишта во Шкотска и Северна Ирска исто така добиле пораки со закани за поставени бомби.
Според последните информации, италијанските власти не утврдиле конкретна опасност во училиштата, а заканите се третираат како најверојатно лажни. Засега нема докази што ги поврзуваат со одредена држава или група, додека истрагата за потеклото на пораките продолжува.
