Парите на осигурениците од вториот пензиски столб се личен имот и се наследни. Од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови се децидни дека идејата за национализација која се појави во јавноста, не е решение бидејќи парите што би се префрлиле во државниот пензиски фонд би се потрошиле за 1,5 до 3 години. Премиерот Мицкоски неодамна најави дека се размислува за пензиска реформа и дека корисниците на вториот столб може да бидат непријатно изненадени и разочарани од сумите на нивните сметки. А, во јавноста се шпекулираше и дека не се исклучува можноста за укинување на вториот столб.
„Она што е важно е дека треба да знаат осигурениците дека средствата во вториот столб се личен имот, кој што е наследен и без разлика дали се работи за осигурување во текот на работниот век или по пензионирањето, тие имаат зголемен степен на заштита. Освен значи семејната пензија која останува како право, дополнително е и правото наследство“, вели Маријан Николовски.
Гувернерот Трајко Славески неодамна излезе со пресметка дека меѓу 80% и 90% од идните пензионери кои ќе се пензионираат во периодот помеѓу 2030 и 2032 година може да имаат пресметани пензии под законскиот минимум, односно да не можат да обезбедат ниту минимална пензија. Од Асоцијацијата се децидни дека вториот столб е надополнување на првиот и е воведен токму за стабилизација на државниот фонд. Велат дека бараат законско решение за таканаречени мултифондови што ќе обезбедат и поголеми пензии.
„Минималната пензија е пресметка која што е под законски утврдениот праг, што значи дека таму треба да се врши доплата од страна на државата. Можеби е добро за овој тип на пензии, бидејќи такви ќе има и од првиот и од вториот столб, во моментов околу 100.000 пензионери од стариот систем од првиот столб се корисници на минимална пензија, да се одвојат како категорија од буџетот на ПИОМ и за нив да се води одделна пресметка колку тоа би чинело на годишно ниво за субвенционирање на тие пензии“, вели Маријан Николовски.
Во вториот пензиски столб има речиси 638.000 осигуреници. Според пензиските друштва просечниот принос што го остваруваат задолжителните пензиски фондови изнесува повеќе од 5,5% годишно. МАПАС пресмета дека 147 лица добиваат исплати од вториот столб. Просечната месечна исплата изнесува 9.878 денари. Инаку на сметките на осигурениците во вториот столб има над 3 милијарди евра.
