„Паркингот во Клиничкиот центар до мај ќе биде готов“ – Алиу: Останува да се потпише договорот со претпријатието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До мај се очекува да биде изграден новиот паркинг во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, со „смарт“ инфраструктура и катни гаражи, најави министерот за здравство Азир Алиу, посочувајќи дека останува само да се потпише договорот со претпријатието.

„Паркингот имаше административен проблем, ви реков дека го решивме на владино ниво и веќе помина. Сега се чекаше 8 дена да биде објавен во Службен весник, верувам дека веќе е објавен во Службен весник. Сега треба со надлежната институција да се потпише договорот и да се започне со работа во делот на инвестицијата во инфраструктурата.“, кажа Алиу.

Запрашан за Итната медицинска помош, која нема основни лекови за лекување, Алиу не одговори директно како ќе се реши овој проблем, туку рече дека заедно со Владата ќе набават 100 возила за Итна помош и дека со Министерството за образование креираат политики со кои ќе се создадат медицински профили таму каде што има потреба.



„Знаете дека уште од првиот ден кажав дека ќе креирам политики кои се базираат на потреби и податоци. Во моментов, за првпат како Влада имаме база со човечки капацитети. Од таа база произлезе и тоа што вие го посочувате – дека нема лекари во тие институции. Работиме заедно со Министерството за образование да создадеме национална стратегија за 10 години, со цел да можеме да ги предвидиме професионалците и профилите на медицинските работници таму каде што се потребни. Тоа не може да се направи ниту за една година, ниту за четири години, знаете дека минимум се потребни 6 години за да се создадат лекарски профили.“, вели Алиу.

Инаку, пред две недели, во резултатите за работата на јавните здравствени институции, во еден случај беше утврдено дека лековите потребни за итна медицинска нега биле под неопходниот минимум за функционирање и дека немало ампули против болки, за што информираше директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашко Клековски.