Партиите кројат планови за локалните избори – според Мицкоски, природен би бил договор со ВЛЕН и ЗНАМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претстојниов период ќе започнат разговори на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ВРЕДИ и партијата ЗНАМ за меѓусебна поддршка на локалните избори наесен. Премиерот Христијан Мицкоски брифира дека е природно да се постигне договор за заеднички настап, со оглед дека станува збор за владини партнери. Сепак, тој не прецизираше во каква форма би била поддршката, односно дали би бил договор за заеднички кандидати за градоначалници или договорот се однесува за гласањето во вториот круг од изборите.

„Факт е дека во минатото имало соработка помеѓу коалициските партнери околу локалните избори, но ние се уште немаме никаков договор и сигурни сме дека ќе има и таква соработка.“, вели Дритон Сулејмани.

Мицкоски истакна дека мецесов ќе одржува внатрепартиски средби кои би завршиле до април.

„Јас очекувам дека најголемиот дел од имињата кои ќе бидат дел од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, практично ќе бидат познати некаде во втората половина на мај месец, прва половина на јуни месец.“, порача Христијан Мицкоски.

Инаку, функционерите на ДУИ не откриваат детали од нивниот план за настап на локалните избори, односно дали ќе настапат самостојно или како Европски фронт. Нема информација ниту кога ќе се носат одлуките.

„Кога ќе се носат ќе имате информација, секако, ќе бидете информирани како впрочем што сте повикани денеска, така ќе бидете повикани и на следните партиски средби, таму каде што се носат одлуките.“, вели Талат Џафери.

Претходно од СДСМ ја отфрлија можноста за било каква соработка со ДУИ за локалните избори. Оттаму истакнаа дека ќе разговараат со останатите партии и независните кандидати, а нивните предлози би биле објавени во април.