Политичките партии меѓусебно се обвинуваат за прашањето кој е виновен што Македонија останува блокирана на европскиот пат, додека Албанија напредува. Од СДСМ истакнаа дека ВМРО-ДПМНЕ ја постигнала својата цел – да ја оддалечи земјава од ЕУ. Оттаму обвинија дека власта нема ниту план, ниту намера да ја приближи земјава кон Унијата, но следуваше одговор од ВМРО-ДПМНЕ.
„Цел им беше Албанија да се одвои од нас и да оди напред, а Македонија да остане заглавена. За да можат да градат криминал и корупција наместо европски вредности. Нивните погрешни политики придонесоа ова да се случи, да биде реалност. И денес, кој ликува на одлуката Албанија да се одвои од пакетот со Македонија и да ги започне преговорите? Само СДС и ДУИ…“, вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ пак, велат дека поради неуспехот на актуелната власт да ги спроведе уставните реформи, Македонија е одвоена од Албанија на патот кон ЕУ.
Според нив, потегот е удар врз регионалното единство и стабилност.
„ДУИ постојано предупредуваше дека овој неуспех ќе има сериозни последици. Секој ден кога уставните реформи се одложуваат е изгубен ден за европската иднина на нашите деца. Секој неуспех во усвојувањето на овие реформи е чекор подалеку од европското семејство и чекор поблиску до изолација, поделеност и стагнација.“, велат од ДУИ.
„Нашиот прогрес кон целосно членство во ЕУ е повторно забавен поради билатерални прашања и масовната корупција на оние кои со години ја користеа европската реторика за секојдневни манипулации. Сепак, очекуваме одлуката на ЕУ за Албанија да делува стимулирачки за во најкус можен рок да се изнајде соодветно решение кое ќе ги обезбеди соодветните гаранции за усвојување на уставните измени“, велат од Вреди.
Според аналитичарите, патот кон Унијата е зацртан и од него не може да се избега. Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ и честиташе на Албанија и додава дека ако кај нас се игнорира предизвикот со уставните измени сега, во иднина тој може да биде уште поголем.
„На соседите треба да им посакаме лесен пат, мирен пат, да не повлечат и нас во таа група, но секако тоа ќе се случи само откако ќе се соочиме со овој проблем кој е многу емотивен. Политичките елити не сакаат да ризикуваат, да се фатат во костец, знаете колку тоа чини… особено ако во кампања сте ветиле дека нема тоа да го правите. Меѓутоа и нерешавањето на проблемот не води никаде“, вели Ненад Марковиќ.
Марковиќ смета дека со ваква статус-кво позиција само може да се влошува надворешната позиција на земјава, потсетувајќи на искуството со долгогодишниот проблем со Грција. Односно, дека времето не работи на страната на Македонија.
