„Партијата се консолидира“ – Димитријевиќ: СДСМ има нов млад тим, а ВМРО-ДПМНЕ стравува

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На првиот работен ден како нов генерален секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ најави процес на консолидација на партијата. Тој вели дека најважно е да се слушне од членовите што тие мислат во кој правец да се движи партијата.

„Имаме увидено одреден број на работи коишто во минатото на СДСМ му се забележуваа во односот кон членството, во изборот на кадрите, во сите тие организациони структури, така што планот е направен и претседателот Венко Филипче вчера нагласи, планот веќе го имаме направено и по координациите денес, веќе од утре ќе излеземе на терен и ќе ја покажеме новата енергија и новата визија на СДСМ.“, вели Александар Димитријевиќ.

Димитријевиќ најави дека СДСМ ќе биде будна опозиција за политиките на владејачката коалиција. За изборот на новото партиско раководство од ВМРО-ДПМНЕ немаше честитка.

„Свежина и промени во СДС не се ни на повидок, наводните промени не се ништо друго освен продолжување на политиката на Заев… Едно е јасно, светлина во тунелот наречен СДС нема.“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, според генералниот секретар на СДСМ, новото раководство е нов, млад и амбициозен тим.

„Кај нив владее страв и паника од тоа што СДСМ оди чекор по чекор и се консолидира со нови амбициозни млади луѓе, со луѓе коишто ќе се посветат на креирање на политики, коишто ќе бидат будна опозиција и ги разбирам од тој аспект, но сепак мислам дека мораме како млади политичари малку да го промениме тој начин на делување, да не се истакнуваат работите кои се тотална невистина.“, вели Александар Саша Димитријевиќ.

Централниот одбор на СДСМ за нови потпретседатели на партијата ги назначи поранешната министерка Каја Шукова, професорката Ана Чупевска, Кристина Костова и Менде Илиевски. Организациски секретари се поранешниот пратеник Мартин Костовски и Љупчо Фармакоски.