„Пастел“ ги собра и кандидатите за Тетово – „Излезете на гласање и гласајте за најдобрата понуда“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Емисијата на ТВ21 „Пастел“ ги покани кандидатите за градоначалник на Тетово – во 9 часот утрово заедно да го испијат утринското кафе на тетовскиот плоштад. Прв пристигна кандидатот на СДСМ, Хамдија Елезовиќ, а по него дојдоа и кандидатот на ДПА, Сади Беџети и на Беса, Биљал Касами. На нашата покана не се одѕваа Вулнет Мурсели од АА-ААА и Теута Арифи од ДУИ. Тројцата кандидати ја искористија приликата да им испратат пораки на тетовци.


-Ги замолуваме граѓаните да излезат на гласање бидејќи е многу важно, да гласаат за кого сакаат, да гласаат за најдобриот. Мислам дека нашата кампања беше многу конструктивна и посакувам до крајот на изборите да остане конструктивна, да нема проблеми и да не ги заморуваме луѓето-вели Беџети.

-Изборите се најголемата демократска вредност. Слободното гласање преку кое ќе одредите кој ќе биде на чело на локалната власт е голема одговорност на секој граѓанин. Затоа, ве замолувам, како граѓанин на Тетово да излезете на 17 октомври и да гласате, да изберете кој ќе одлучува за нашата иднина во следните четири години-рече Касами.

-Тетово мора масовно да излезе да гласа и да го искаже своето мислење за нас како кандидати-изјави Елезовиќ.

Тројцата ветија дека ќе работат во интерес на граѓаните на Тетово.

Инаку, пред неколку недели и кандидатите за општина Чаир остварија иста средба, со цел граѓаните да видат дека тие се само политички опоненти и дека трката меѓу нив е исклучиво за тоа кој ќе излезе со подобра понуда.