Пат уништен како од земјотрес – жителите од село Дебриште молат за помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова до пред два дена беше пат. Денеска е уништен, но не од земјотрес, туку надојдена вода.

„Ова се остатоците од локалниот патен правец во село Дебриште, пат кој што го поврзува селото со рудникот кој се наоѓа над селото. Денес е целосно уништен по вчерашното невреме. Со мојата висина од 176cm, толкави се и наносите кои може да ги забележите позади мене. Жителите не се сеќаваат на вакво невреме“, вели репортерот на ТВ21.

Куќата на Димо Богев е последна во селото, но прва до елементарната непогода.

„Два дена, два ноќи врне и вчера сабајле беше многу опасна работата. По јако, по јако и еве сега, гледате што се случи. Целиот асфалт го преврте обратно. Цел ден стојам пред врата, сите камења, можете и сами да ги видите надвор, тие сите камења како удираа во мојата врата, јас и бабата ги враќавме со нога. За да не соберат, па да не поплават“, истакна Димо Богев.

„Ова беше главен пат тука. Одеа камиони за рудникот горе, но сега нема ништо се е ископано“, вели жител.

Мештаните раскажуваат како се случи.

„И потоа наеднаш се од горе бучеше и слушнавме и видовме и излеговме надвор и што ќе видиме преку село ние доле се боревме да се спасиме, патот го сечевме, за да спречиме да не дојде доле“, додаде Марева Тема.

„Ние дома бевме излеговме и што ќе видиш све дожд, се тече од горе, таму горе и базенот со вода, тука е ископана и цевката за вода“, вели жител.

ТВ21: Сега имате вода?

„Имаме но, треба да се направи и пат да се направи до базенот, да помогне о. Росоман, Кавадарци, кој може да помогне, не е лошо“, одговара жител.

Во селото живеат повеќе од 60 години. На вакво нешто не се сеќаваат.

„Досега не. Јас сум 60 години, ваков дожд и невреме не сум видел. Било невреме, но до олку не. Ова беше многу страшно. Страв. Невиден страв. Еве се гледа, како што велат, ако баба лаже, трап не лаже“, вели Димо Богев.

„Не. Јас сум 62 години, на вакво невреме не се сеќавам. Значи тивко започна, не така бурно со ветер, како од канта да се истураше“, додаде Марева Тема.

„Досега не се сеќавам на вакво нешто. Ова е прв пат“, вели жител.

Досега никој од надлежните не ги посетил овие триесетина жители од село Дебреште. Молат за помош и континуирано снабдување со вода во текот на летото.