Патот на Скопје и Тирана може да се подели – Вархеји потврди дека е можно одвојување на пакетот ако нема решение за РСМ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Постои шанса да се раздвои пакетот на Северна Македонија и Албанија во нивниот евроинтегративен пат. Ако не се изнајде решение меѓу Скопје и Софија за историски прашања, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, потврди дека е можно да се разгледа опцијата за поделба на пакетот Скопје-Тирана.

„Овој процес се заснова на заслуги. Ако ги погледнеме постигнувањата на Албанија, ќе видиме дека се исполнети сите услови. Така што, ако нема договор во врска со Северна Македонија, можеби ќе дојде моментот кога ние би требало да ја земеме предвид и таа опција“, истакна Оливер Вархеји.

Вархеји се надева дека нема да дојде до тоа, но вели дека за ова прашање разговарал и со премиерот Зоран Заев и се договориле дека треба да се направи напредок од двете страни.

„Тешко е да не зборуваш за драма по едно вето. Ветото само по себе е драма. Она на кое работиме сега е враќање во нормала, односно постигнување договор. Договор, со цел да ја одржиме првата меѓувладина средба со двете земји“, вели Оливер Вархеји.

Австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер, вели дека Северна Македонија направила многу за да го добие статусот што го има, па затоа го заслужува следниот чекор.

„Се надевам дека ќе се откажат од блокадата, а од друга стрна пак, колку што можам да ја сфатам Северна Македонија, треба да кажам дека двете земји треба да останат на маса и да продолжат со разговорите“, порача Каролине Едштадлер.

Едштадлер увери дека Австрија ќе продолжи со обидите за да се забрза темпото во однос на пристапниот процес. Како што додава, ЕУ губи време, пари и перспектива, нешто што никој не го посакува, оти, како што заклучи, земјите од Западен Балкан се сигурносни прашања за ЕУ.