Патот на Зијадин Села – каде згреши досегашниот лидер на Алијанса за Албанците?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред 5 месеци, на вториот конгрес на партијата, Зијадин Села беше реизбран по втор пат за претседател на АА. Беше убеден дека на следните избори, АА ќе победи.

„Ќе победи АА заедно со Албанците, заедно со другите политички субјекти со кои мислам дека е направено се и тоа премногу и Албанците ќе треба да отворат ново поглавје“, посочи Зијадин Села.

Мандатот не го доврши. Поради слабиот резултат на изборите за Општински совет во Тетово, Села вчера си поднесе оставка.

„Јас од овој момент си поднесувам неотповиклива оставка од позицијата претседател на АА“, додаде Зијадин Села.

Но, каков беше патот на Села при раководењето со АА. Тој влезе во неколку коалиции, последната беше со ВМРО-ДПМНЕ.

2 месеца пред последните локални избори, Алијанса во тоа време заедно со Алтернатива се договорија да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ давајќи и гласови во општините каде што ќе биде потребно. Коалицијата не траеше долго, ВМРО-ДПМНЕ освои 42 општини, плус Градот Скопје давајќи и поддршка на независната кандидатка Данела Арсовска, додека АА само 2 општини, Гостивар и Врапчиште, а Студеничани го доби по преминувањето на Азем Садику од ДПА во АА. По протестите против францускиот предлог и настаните поврзани со разрешувањето на екс директорот на Комуналното претпријатие, АА ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

„Велеа имате коалиција со ВНРО-ДПМНЕ, не е вистина. Имавме соработка со ВМРО за изборите. Ги поддржавме за Град Скопје, тие нас нè поддржаа во овие 5 општини каде што не добија кандидат“, порача Арбен Таравари.

Во 2020 АА стапи во коалиција со Алтернатива. Целта на двете партии беше да ја поразат ДУИ.

„Од моментот кога ставивме потпис на договорот, нема пратеник од Алијанса или Алтернатива, туку има пратеник на коалицијата АА и Алтернатива“, вели Зијадин Села.

„Ние ќе се грижиме за сите Албанци, независно за која партија ќе гласаат. Тие треба да се чувствуваат безбедни дека ние ќе им служиме ним независно од нивните политички убедувања“, порача Африм Гаши.

Не траеше долго, по речиси една година, во декември 2021 ја раскинаа коалицијата со Алтернатива.

„Изненадени сме од тоа колку лесно една политичка партија која беше во коалиција со нас може да се откаже од потписот што го дала за договор за соработка со АА до следните парламентарни избори, а многу брзо да потпише договор да стане дел од Владата“, порача Иљми Азири.

Ден претходно Алтернатива излезе од Алијанса и влезе во Владата со СДСМ и ДУИ.

„Во речникот и во нашиот политички дискурс за комуникација со јавноста, дури ни јас како прв човек на ААА,  ниту највисоките партиски експоненти, никогаш не можете да најдете никакво официјално соопштение во кое владата сме ја нарекле некако со тешки зборови“, вели Африм Гаши.

АА во 2017 година се откажа од владеењето со СДСМ. Заминувањето од Владата беше поради преземање на функцијата во Министерството за здравство.

Но, каде погреши Села? Според аналитичарот Сефер Селими, Села во неговото раководство направил две суштински грешки.

„Според мене, имаше две суштински грешки во раководството на партијата, се разбира не верувам дека сам ги направил, но заедно со раководството, изборот на партнери и формирањето на соработката со нив, а второто е неуспехот да се консолидира огранокот на АА во Тетово со фигури кои би можеле да соберат поголем број гласови и да и дадат уште поголем поттик на оваа партија“, вели Сефер Селими.

По оставката во неделата, Села рече дека првично партиските тела во наредните денови ќе назначат в.д.  претседател на партијата. Најспомнувано име за негова замена е Арбен Таравари.