Ќе дојде ли време кога онколошките болни нема да бидат под стрес дали на Клиниката има скандали, дали има терапија и дали ќе ја примат на време. Милица Кузмановска од невладината Хема Онко во Дејли клик на ТВ21 вели дека проблемот не е само во недостигот на терапија туку во немањето план за набавка и немање регистер на пациенти.
-Немањето на еден специјален регистер за пациенти со рак е всушност проблемот кој што ги предизвикува сите овие понатамошни проблеми во однос на набавката на лекови, меѓутоа и зголемениот број на пациенти со рак. Ние од директорот на Клиниката за онкологија добивме бројка дека оваа година имаме 1.200 нови пациенти со рак на дојка за жал, што е во споредба со минатата година, не двојно поголема бројка, можеби неколкукратно поголема бројка, изјави Милица Кузмановска од Хема Онко.
Ана Марјановиќ онколошки пациент вели дека самата информација дека на Клиниката ја нема потребната терапија за пациентите претставува голем стрес кој влијае на нивната здравствена состојба. Посебен стрес доживеала со скандалот на Онкологија пред една и пол година кој ги загрижило и нејзините најблиски.
-Канцерот сам по себе е доволен стрес не само за пациентите туку и за оние кои што ги опкружуваат. Тоа е болест која што влијае на најблиското семејство. Постојаните проблеми не помагаат апсолутно во ништо. Стравот го преживеавме сите, го преживеаја и моите деца кои што нели слушаа па одговарав на прашања од типот дали си примила терапија, изјави Ана Марјановиќ, онколошки пациент.
Кузмановска и Марјановиќ посочија и на други проблеми а тоа е слабиот капацитет на Клиниката но и недоволниот буџет, покрај постојаниот пораст на бројките на заболени од канцер. Воедно бараат и таблетарната терапија да биде достапна по аптеките бидејќи досега само за да подигна таблети мора да одат на Клиника.
