Пациентката со коронавирус во стабилна состојба, Филипче: Сопатниците кои беа со неа се во изолација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата на пациентката на која вчера ѝ беше дијагностициран коронавирусот е стабилна. Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека сите патници кои патувале со неа биле контактирани од страна на здравствените служби и ќе бидат ставени во изолација. Министерот меѓу другото извести дека вчера биле тестирани уште две лица.

Но, по два часа резултатите излегоа негативни. Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, рече дека нема простор за паника. Тој, не го потценува ризикот од коронавирусот, но додава дека луѓе починуваат и од сезонскиот грип. Како што вели, од сезонски грип на годишно ниво во Европа умираат дури до 65 илјади луѓе.

-Многу внимателно и будно ја следиме состојбата. Денес состојбата е задржана под контрола, значи не сме во фаза на ублажување на последиците, туку сѐ уште сме во фаза на локализирана ситуација, односно е задржана под контрола. Имам две пораки, една до граѓаните и друга до владите на државите во Европа. Им порачувам на граѓаните дека нема потреба за тревога и паника. Станува збор за нов вирус. Сакам да ве уверам дека СЗО, јас како директор на СЗО-Европа и како инфектолог ги разбираме стравовите на граѓаните бидејќи се загрижени за себе и своите семејства-рече Клуге.

Инаку, вчера беше потврден првиот позитивен случај на коронавирус во нашата земја. Станува збор за 50-годишна жена која допатувала од Италија и која е хоспитализирана на Инфективна клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.