СДСМ поднесе интерпелација за министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски поради како што наведуваат корупција, скандали и штетни политики. Велат тој е еден од најнеспособните министри, кој наместо да ги штити земјоделците, ги понижува, ги осиромашува и им се заканува. Обвинуваат дека не само што се кратело, туку цели мерки и програми за земјоделците се укинати или суспендирани.
„Веќе две години земјоделците се жртви на неспособните и криминални политики на Министерството и на актуелниот министер. Наместо политики за развој на земјоделството, наместо повисоки субвенции, наместо да се креираат нови мерки за поддршка, наместо да се креираат нови програми, како што сето тоа го правевме претходно, за овие две години Трипуновски го доведе земјоделството до колапс – од незнаење, неспособност, злоба и со закани и притисоци“, вели Љупчо Николовски.
Од СДСМ велат дека интерпелацијата ја поднесуваат поради сериозни, континуирани и веќе процесуирани случаи на системска корупција, злоупотреба на службената положба, кршење на законите и обврските на министерот,како и сериозно нарушување на функционирањето на Министерството и институциите во ресорот што го води.
Трипуновски му одговори на Николовски на Фејсбук.
„Политички не постоиш, а партијата во која си само обичен инвентар, полека ја снемува. Интерпелацијата за мене што си ја поднел е толку нелегитимна, како што ти си нелегитимен во СДС. Интерпелацијата ќе биде исто толку неуспешна како твојот мандат како министер за земјоделство и како антикорупционер! Толку безначајна како што беше безначајна и твојата заплената на ДУРИ 30 килограми путер“- напиша Трипуновски на Фејсбук.
Вели рејтингот на СДС паѓа толку ниско што го пробива секое дно.
