Пациентот кој беше транспортиран од Турција по тешка повреда на ’рбетниот мозок е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, информира директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски.
Тој е свесен и контактибилен, дише самостојно, а од денеска започнал да се храни по природен пат. Во единицата за интензивно лекување продолжува и физикалната терапија.
Мерџановски посочи дека пациентот вчера имал покачена температура, но направените тестови не покажале инфекција.
„Пациентот е во добра состојба. Виталните параметри се стабилни. Вчера имаше покачена температура, но сите направени тестови се негативни на инфекција и најверојатно станува збор за реакција на транспортот и претходната операција. Од денес тој почна да се храни на уста и имаме подобрување на општата состојба“, информираше Мерџановски.
Доколку состојбата продолжи да се подобрува, во текот на следната недела пациентот се очекува да биде префрлен на Одделот за трауматологија, каде ќе продолжи со интензивна рехабилитација, а потоа и во специјализиран центар за понатамошно закрепнување.
