Италија повторно се соочува со екстремни временски услови, откако земјата ја зафати петтиот топлотен бран ова лето. На југот и на островите температурите се искачија над 44 степени Целзиусови, а високата влажност дополнително го засилува чувството на жештина.
Во централните и јужните делови на земјата температурите се и до 10 степени над просекот за овој период од годината. Особено тешки се и ноќните часови, бидејќи на повеќе места температурите не се спуштаат под 30 степени.
Поради опасноста од екстремните горештини, црвен аларм е прогласен во девет градови, меѓу кои се Рим, Бари, Палермо, Катанија, Месина и Реџо Калабрија.
На Сицилија и Сардинија се измерени температури до 43 степени, додека воздушните струи кои пристигнуваат од Северна Африка носат и значителни количества сахарска прашина кон јужните делови на Италија.
Во исто време, временската слика е сосема поинаква во северниот дел од земјата, каде метеоролозите очекуваат силни грмотевици и локално нестабилно време.
Италијанското Министерство за здравство очекува температурите благо да се намалат во текот на викендот. Сепак, црвениот аларм поради топлотниот бран ќе остане во сила во шест градови во сабота и во четири градови во недела.
Метеоролозите предупредуваат дека топлотниот бран нема целосно да попушти, а високите температури би можеле да продолжат и во септември, кога се очекува живата во термометрите и понатаму да биде значително над просечните вредности за периодот.
