Претседателот Стево Пендаровски е во официјална посета на Грција, каде што оствари средби со претседателката Сакеларопулу и премиерот Мицотакис.
„Остварив средби со претседателката и со премиерот. Најважно од двете средби да издвојам е дека двете страни искажаа дека Преспанскиот договор ќе го почитуваат, дека важи и дека сакаат целосно почитување. Јас потенцирав дека тој Договор е врата на нашите евро-атлантски интеграции и да го имплементираме до точка и запирка, и двете страни да го почитуваме. Договорите мора да се чуваат и да се заштитуваат, и тоа го договоривме со претседателката која исто така е правник.
Имаме намера да го почитуваме, и замолив од грчка страна поголема ажурност“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека го замолил премиерот Мицотакис за поддршка и помош кон оние земји кои се скептици околу проширувањето на ЕУ, за време на самитот на ЕУ-Западен Балкан во Совенија.
„Посебна тема на разговор имав со премиерот Мицотакис, кој веднаш заминува во Словенија каде што има средба со европската народна партија, оди на самитот на ЕУ – Западен Балкан, го замолив како влијателен член и на ЕПП, последните години и како премиер на земја членка на ЕУ кој би морал да го знае целиот назив на Преспанскиот договор, очекуваме во тој дел поддршка и помош кон оние земји кои се скептици за членството на ЕУ“, рече Пендаровски.
Претседателот кажа дека ги разговарал и трите меморандуми од Договорот од Преспа кои чекаат верификација, и притоа добил одговор.
„Ги разговарав и трите меморандуми, образлжение е дека внатрешната политика на Грција е специфична, и најмногу од тоа ќе зависи ратификацијата на трите меморандуми. Премиерот треба да ги предложи и Собранието да ги гласа. Премиерот замоли за трпение и рече дека немаме никаква причина да го рушиме Преспанскиот договор. Нема никаква намера да се опструира Преспанскиот договор“, рече Пендаровски.
