Пендаровски: Односот со Бугарија се влошува – „Одбележувањето на раѓањето на Делчев беше искористено за кревање тензии“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Односите со Бугарија се влошуваат, особено по одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, констатира претседателот на државата Стево Пендаровски на заедничката прес конференција со унгарската претседателка Каталин Новак која е во посета на нашата земја. Според него таквите кревања на тензиите се сосема непотребни бидејќи секој кој на мирен начин сакал да го посети гробот на Делчев тоа му беше овозможено но оние кои се обида да ја нападнат полицијата беа депортирани од нашата земја. Нека се јави еден бугарски граѓанин кој му бил забранет влез освен на провокаторите, рече Пендаровски.

„Македонско – бугарските односи, јасно е, вие тоа го следите и објавувате, дека во последно време се влошуваат. Имавме извесно смирување после прифаќањето на европската преговарачка рамка минатото лето, влеговме во скрининг процесот, за жал роденденот на Гоце Делчев беше искористен за жал за кревање на тензиите, по мене сосема непотребно“, вели Стево Пендаровски.

Унгарската претседателка Новак рече дека членството на Македонија во Европската унија има важна улога во стабилноста на регионот и на цела Европа. Таа пред посетата на земјава беше и во посета на Бугарија при што се сретна и со претседателот Румен Радев. Рече дека сакала да ги слушне и двете страни и да придонесе за да се отстранат сите пречки во натамошниот процес на евроинтеграции на земјава.

„Како што бевме еден од најголемите поддржувачи на Македонија на патот за зачленување во НАТО и сега веќе Македонија е членка на НАТО се надеваме дека наскоро ќе можеме да ја поздравиме Северна Македонија во Европската унија. Ние ќе се обидеме доколку имаме било каква можност да придонесуваме на тоа да се овие меѓусебни несогласувања што побрзо и порано се расчистат“, порача Каталин Новак.

Унгарската претседателка Новак по средбата со Пендаровски беше во црквата Свети Спас да оддаде почит на македонскиот револуционер Гоце Делчев, средби имаше и со премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.