Со европско знаменце ќе се носат законите потребни за договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10Д. Се работи за 5 закони кои беа донесени на денешната владина седница за кој вицепремиерот и координатор на проектот Артан Груби вели дека ова се прави поради блокираните закони од опозицијата, а воедно изградбата ќе биде побрза и поевтина. Но, дали се носат законите бидејќи ги газат роковите од договорот да се донесат законите особено за работни односи за 60 часовна работна недела и со тоа земјава да плаќа пенали. Груби вели рокови и пенали во договорот нема.
„Значи пенали, claims на англиски, не постои во договорот, ова е ноторна лага која што е претставена во јавноста. Не постои таков збор во целиот договор. Се однесува на две опции, согласно сегашното законодавство во нашата земја ќе чини повеќе.“, изјави Груби.
Но колку е конкретно сумата која ќе треба да се даде за изградба на буџетот. Иако беше речено дека таа ќе изнесува 1,3 милијарди евра можно е таа да биде повисока. Оваа сума е утврдена според физибилити студија велат од Владата.
„Кога ќе се работи со проект кој што се проектира во реално време и веднаш се изведува на терен тој проект толкави отстапки не може да има. Значи ќе се проектира и ќе се гради. Ако имало проект кој што бил од 2002 или 2005 година па денеска треба да бидеме сигурни дека тоа ќе чини толку во градежништвото се докажало многу пати дека не е така.“, вели Бочварски.
Директорот на јавното претпријатие Ејуп Рустеми вели дека ќе има тим кој ќе ја следи изградбата на проектот.
„Тоа ќе биде посебен тим кој ќе ја следи реализацијата на проектот за коридор 8 и 10Д каде посебниот тим ќе има две единици и тоа единица за градежни работи и втората единица ќе биде за експропријација и дислокација на сите објекти што ќе бидат на трасата. Со формирање на посебниот тим за следење на реализацијата на Коридор 8 и 10Д ние ќе бидеме подготвени и екипирани за реализација на овие коридори.“, изјави Рустеми.
Владата деновиве ќе ги поднесе до Собранието сите 5 закони со европско знаменце на усвојување што ќе значи скратена постапка, меѓу кои се закон за работни односи, два закони од ресорот транспорт за градба и за урбанистичко планирање и законот за експропријација.
