Петрески: Јавниот долг годинава 70.8% од БДП – јавниот долг ќе се „решаваше“ со тупаници меѓу Битиќи и Стојановски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Јавниот долг на земјава кој на крајот на годинава ќе достигне 70,8 проценти од Бруто-домашниот производ и зборот „лажеш“- се една од причините за вчерашната жестока кавга во законодавниот дом која за малку ќе завршеше со физичка пресметка помеѓу пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи и Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„70,8  посто со неизмирените обврски. Никогаш во историјата на Македонија не сме имале толкав јавен долг. Е ова е страшно .Се зголемуваат договорните услуги. Тоа е 80 и нешто милиони евра.Те молам уште еднаш немој да го употребиш тој збор. Уште еднаш немој да го употребиш. Прв и последен пат“, порача Фатмир Битиќи.

Комисијата за финансирање и буџет на која се разгледува Предлог-буџетот за 2025 година, продолжи и денеска со жестоки обвинувања меѓу опозицијата и власта.

Но, за една од причините за вчерашниот инцидент- податокот дека јавниот долг на земјава до крајот на годинава ќе достигне 70,8 проценти од Бруто-домашниот производ, веќе алармира и експертите.

„Согласно стратегијата за јавен долг, оваа година јавниот долг на земјата треба да биде 66,4% од БДП. Меѓутоа во овие бројки не се вкалкулирани оние доспеани, а ненамирени обврски кон јавните претпријатија и доколку истите ги вкалкулираме ние ќе стигнеме до вкупен јавен долг од над 70 проценти од БДП што е исклучително висока стапка.“, вели Благица Петрески.

Петрески предупредува дека пробиена е границата јавениот долг да биде под 60 проценти од БДП, исцрпени се резервите и во потенцијални идни кризи нема да можеме да реагираме.

„Првиот аспект е дека акумулацијата на вкупниот јавен долг е многу брза, практично од 2008 година до денес, ние скоро три пати сме го пораснале овој јавен долг, од нешто над 20 до сега нешто над 60 проценти. Вториот аспект значаен е дека ние веќе имаме јавен долг кој што не е во согласност со фискалните правила. И третиот аспект е дека  фискалната консолидација ќе биде многу бавна. Ние ќе се вратиме до границата под 60 проценти дури после 5 години“, вели Благица Петрески

Инаку, заклучно со септември, јавниот долг на земјава достигна над 8,8 милијарди евра или 56,9 проценти од БДП.