Петровска: Лажните бомби не се реална закана за безбедноста – ВМРО-ДПМНЕ со критики дека МВР не работи доволно за справување со заканите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за одбрана Славјанка Петровска уверува дека дојавите за бомби не претставуваат реална закана за безбедноста на државата. Сепак вели таа институциите постапуваат и се преземаат сите потребни мерки за безбедност. Дополнително за ова е формиран оперативен тим од разузнавачките служби како и безбедносните институции кои заедно со партнерските служби треба да работат на откривање од каде доаѓаат заканите со бомби. Колку е ова предизвик и за НАТО?

„Предизвик се на секоја земја пред се на национално ниво, меѓутоа апсолутно се предизвик и на сите организации во кои што членуваме. Она што е заклучок и кој што беше споделен со јавноста од овој координативен состанок е дека во овој момент нема реална закана за безбедноста и тоа е она што треба да го знаат граѓаните, но апсолутно не оставаме ништо на случајност и службите секоја во својата надлежност ќе преземе дополнителни мерки за гарантирање на таа безбедност“, вели Славјанка Петровска.

За дојавите за бомби надлежните ги известиле и НАТО структурите а на вчерашниот координативен состанок се отворила дебата, Оперативниот тим под раководство на Бирото за јавна безбедност да ја забрза и подобри комуникацијата на службите како и на службите на партнерските земји. Со оглед на тоа што се работи за хибридна војна, колку се безбедни  системите во државата?

„Сајбер заштита на сите институции и на државните, меѓутоа и пошироко на се она што претставува критична инфраструктура е сериозен предизвик. Имаме постојана комуникација и поддршка од стратешките партнери и во рамките на НАТО, меѓутоа и надвор од тоа заради тоа, знаете, како, сајбер заштитата е  нешто на кое мора во континуитет да се работи и тоа не е нешто што еднаш засекогаш завршува. Сите евентуални обиди за сајбер напади ги следиме“, додава Славјанка Петровска.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека граѓаните се во постојана тензија и страв од нови дојави за бомби, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не презема доволно мерки за справување со оваа безбедносна закана. Воедно тие прашуваат и зошто не се побара помош и од партнерските земји.

„Останува нејасно зошто неспособниот Спасовски до сега не побарал помош од меѓународни и домашни експерти за решавање на овој проблем? Зошто дури сега после три месеци од континуирани закани и тензии се координираат безбедносните служби? Зошто не се искористени капацитетите на нашите пријателски и партнерски земји кога веќе власта тврди дека сме под хибридни закани?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај во земјава, со најави за поставени бомби се соочуваат и земјите во регионов и тоа во Србија, Црна Гора, Босна, како и во Хрватска.