Градоначалникот на Радовиш и командант на Кризниот штаб, Љупче Почивалец, во консултација со лекарите од Центарот за јавно здравје – Штип, упати апел до граѓаните да избегнуваат непотребен престој на отворено и да го ограничат движењето, особено во периодите кога чадот од депонијата е најинтензивен.
Имено, депонијата во Радовиш гори веќе петти ден, и покрај интензивните напори на надлежните служби пожарот да биде ставен под целосна контрола. На терен е ангажирана тешка механизација која врши насипување со земја и санација на запалените површини со цел да се спречи понатамошно ширење на огнот.
Во препораките што ги издаде градоначалникот Почивалец се наведува граѓаните да ги следат известувањата и препораките од надлежните институции преку радио, телевизија, интернет портали и мобилни апликации, како и да ги почитуваат сите евентуални наредби за евакуација или засолнување доколку тоа биде побарано од службите. Се препорачува прозорците и вратите во домовите и работните простории да се држат затворени, како и да се исклучат клима-уредите и системите за вентилација кои внесуваат надворешен воздух.
На граѓаните им се советува да престојуваат во затворени простории со минимален контакт со надворешен воздух, да не се приближуваат и да не воспоставуваат контакт со отпад или предмети од погоденото подрачје сè до официјална дозвола од надлежните служби, како и да користат заштитни маски што филтрираат честички, при што најдобра заштита обезбедуваат маските од типот FFP2, FFP3 или N95.
Исто така се препорачува избегнување на спортски, рекреативни и други активности на отворено, како и да не се дозволува престој на деца надвор, особено во дворовите на градинките и училиштата. Посебна заштита, според препораките, треба да се обезбеди за ранливите категории граѓани – деца, постари лица, бремени жени и лица со хронични заболувања, кои треба да останат во најзаштитените простории.
Доколку се појават симптоми како отежнато дишење, кашлица, печење во очите, вртоглавица или други здравствени тегоби, се препорачува веднаш да се побара медицинска помош. На работодавачите, каде што е можно, им се советува да овозможат работа од дома или ослободување од работни обврски за ризичните категории вработени.
Од Општина Радовиш информираат дека сите надлежни служби продолжуваат со континуирани активности за локализирање и целосно гаснење на пожарот, при што се апелира на смиреност, одговорност и строго почитување на препораките со цел заштита на здравјето на граѓаните.
