Во Македонија е потврден петти случај на морбили, односно мали сипаници, а последниот заразен е дете на возраст од една и пол година, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.
Од досега регистрираните пет случаи, три се кај мали деца, еден кај 45-годишен македонски државјанин, а еден кај државјанин на Косово.
Според министерот, првичните информации укажуваат на можна поврзаност меѓу случајот кај странскиот државјанин и трите случаи во земјава. Сепак, конечните заклучоци ќе бидат познати по завршувањето на епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје.
Здравствените власти веќе ги следат контактите на заразените лица, а се спроведуваат и инспекциски надзори во здравствените установи каде што постои можност за изложеност на вирусот.
Клековски упати апел до граѓаните да го проверат својот вакцинален статус и да се уверат дека примиле две дози од вакцината против морбили, доколку претходно не ја прележале болеста.
Тој нагласи дека особено е важно да се заштитат најмалите деца, кои поради возраста сè уште не можат да бидат вакцинирани.
Родителите се повикуваат децата со симптоми на мали сипаници да не ги носат во градинките и училиштата, туку најпрво телефонски да контактираат лекар. Поради високата заразност, лицата со сомнителни симптоми не треба ненајавено да посетуваат здравствени установи, бидејќи вирусот може да остане во воздухот и до два часа.
Министерот посочи дека не се планира воведување присилни мерки, оценувајќи дека поголем ефект може да се постигне преку информирање и подигнување на свеста за важноста на вакцинацијата.
Претставникот на Светската здравствена организација во Македонија, доктор Аким Али, истакна дека за спречување на ширењето на морбилите е неопходно вакциналниот опфат да достигне најмалку 95 проценти.
Здравствените власти предупредуваат дека морбилите се исклучително заразна болест и дека високата стапка на вакцинација е клучна за заштита на населението, особено на бебињата и другите ранливи категории.
