Персонал со високо образование од градежната индустрија, административни работници и возачи се само некои од работните места кои се нудат на огласот за вработување за реализација на коридорот 8 и 10Д. Огласот за вработување до 2028 за проектот за автопатите преку Бехтел и Енка е објавен од ЈП Државни патишта. Според соопштението, работниците ќе работат во една смена, 40 часа неделно и ќе примаат основна плата од 29.866 денари, зависно од работната позиција.
„Основна плата од 70.052 денари е предвидена за помошник на главниот координатор на проектот кој треба да биде градежен инженер со искуство од најмалку 6 години. За местото координатор на единицата за подготовка на проектот, кандидатот треба да има диплома од факултетите за општествени науки. За ова место е предвидена нето-плата од 60.005 денари. Координаторот пак на единицата за техничка изведба на проектот кој треба да биде градежен инженер ќе работи за плата од 65.029 денари“, се вели во јавниот оглас.
Плати од 29.866 денари ќе заработуваат и двајца возачи кои треба да имаат најмалку средно образование, а за иста плата се бараат и двајца администратори.
За специјалисти што треба да прават експропријација на имот услов е да имаат завршено високо образование од општествените науки. За нив е предвидена основна плата од 45.045 денари.
Огласот трае до 25 април. По истекот на рокот, директорот на ЈП Државни патишта ќе формира комисија која ќе го врши изборот на кандидати и тоа може да трае од 45 до 120 дена, зависно од кандидатите кои аплицирале.
„На огласот се отвораат и пет работни позиции за „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. Тоа би биле градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55.037 денари. За истата плата се бара и еден „урбанист“, еден геодет, како и двајца „специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација“. Оваа плата ќе ја добиваат и двајца што се разбираат во заштита на животната средина, еден електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер“, се вели во огласот.
Сè уште незапочната изградбата, проектот е критикуван од македонската опозиција. Едно од најдискутабилните прашања е промената на законот за работни односи, предложено од владата со што се предвидува работна недела од 60 часа, според волјата на работниците, со цел проектот да заврши побрзо и како што велат, да чини поевтино.
