Платформа proekti.gov.mk за општинските проекти – ќе може да се следи динамиката на трошење на парите од кредитот од Унгарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Проектите низ општините кои се финансирани од унгарскиот кредит отсега ќе може да се следат преку платформата proekti.gov.mk со што секој ќе има увид како се трошат овие пари и за која намена. Во неа ќе бидат претставени фазите на реализација на проектот, која институција е надлежна, ќе може да се следи буџетот и неговата оперативна ефикасност, а детално може да се пребарува и по одредена општина кои проекти се реализираат. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со оваа платформа ова не е само технички систем туку порака дека се ќе се прави транспарентно

„Воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секој општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно да го следи текот на проектите кои ги финансира Владата. Токму така треба да функционира една европска држава“, вели Мицкоски.

Исто така, граѓаните ќе имаат можност и да поставуваат прашања на платформата како и да се интересираат за одредени податоци од проектот. Од првиот повик се финансираат вкупно 288 проекти но за сега на оваа платформа има податоци за само 30 проекти, но како што велат од Владата во иднина ќе се надополнува додека не се достават податоците за сите проекти. Дополнително платформата треба да биде надградена и за проектите од вториот повик.

„Оваа платформа покажува дека јавните средства се под јавен надзор, дека институциите работат со јасни правила, дека општините имаат еднаков пристап и дека Владата функционира со современи стандарди на отчетност и дигитализација“, изјави Мицкоски.

Општинските проекти финансирани со кредит кој Владата го зеде од Унгарија се реализираат 288 проекти со вкупна вредност од околу 75 милиони евра, додека со вториот повик 828 нови проекти со вредност од над 225 милиони евра.