Пред неколку дена ТВ21 објави снимки од учениците на Кичево кои секојдневно минуваат по главниот пат за да одат на училиште, пат кој претставува голема опасност за децата поради возилата кои се движат со голема брзина.
Овие деца се од населбата Мексико во Кичево, улица „Партизанки одреди“ и секој ден минуваат преку 2,5 километри за да стигнат до О.У. „Санде Штерјоски“.
Откако некои родители ги видоа застрашувачките сцени со кои се соочуваат нивните деца, стапија во контакт со ТВ21 и побараа од општина Кичево да им обезбеди превоз бидејќи ги исполнуваат потребите за превоз до училиште.
„Единствено што бараме е превоз, сме биле и кај наставниците во училиштето и кај директорот, но нема подобрување, ни рекоа превоз ќе има, но ништо од тоа. Бараме од градоначалникот на општината да ни обезбеди превоз за оваа населба, тука има доволно деца кои учат од секоја куќа, има по 3-4 деца, тие деца мора да одат на училиште секој ден, а кога врне не можеме да ги испратиме бидејќи одат пеш а има и кучиња на улица“, вели родител.
„Јас лично отидов. Ги собрав сите родители, три пати отидов кај директорот. Му кажав дека од населба Мексико улица „Партизанки одреди“ до „Санде Штерјоски“ е 3 километри, до Агрокоп е 3,5 километри. имам три деца кои учат таму“, додаде родител.
„Како родители сме многу загрижени и бараме да ни обезбедат превоз за нашите деца бидејќи навистина има многу кучиња, нашето училиште е многу далеку и не можеме секој ден да ги испраќаме со кола или такси, има многу деца од овде што учат во две смени и бараме да ни обезбедат превоз за нашите деца“, додаде родител.
Како што тврдат родителите од оваа населба, има околу 100 ученици кои на училиште одат во две смени. Во оваа населба до пред четири години имаше превоз за ученици, но сега нема.
Законот предвидува дека учениците кои патуваат 2 километри имаат право на превоз од населбата каде што живеат до училиште. Од Одделението за образование при општина Кичево за ТВ21 велат дека родителите немаат доставено писмено барање за превоз на учениците од оваа населба.
Додека родителите тврдат дека усно барање дале и во училиштето и во Општината.
„Три пати отидов кај директорот и го прашав зошто не дава превоз за децата Роми, ми рече да одам во општина и да видам со градоначалникот“, вели родител.
Најголемиот проблем со кој секојдневно се соочуваат овие деца се кучињата скитници, кои се многубројни и речиси секој втор ден ги каснуваат или ги плашат децата кои одат пешки до училиште.
Пред еден ден градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари, во врска со децата кои поминуваат преку автопатот, рече дека има подвозник кој општината го направила, но за да им биде полесно на учениците, рече дека Јавните претпријатија „Државни Патишта“ треба да инвестира за изградба на надвозник за пешаци.
