По блокадите се најавуваат и протести – Мицкоски: Ковачевски заробен меѓу Ахмети и Џафери, седи со нив и навива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Можно е ВМРО-ДПМНЕ по блокадите на Собранието да организира и протести. Ова го најави претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кој рече дека следните чекори ќе се утврдат на седницата на Извршниот комитетот вечерва. За можната интерпелација на Талат Џафери по инцидентот во Собранието рече дека секако таа нема да успее, бидејќи Ковачевски е заробен од Ахмети и Џафери а тоа вели се виде и вчера како заедно навиваат на натпреварот на Шкупи со Академија Пандев.

„Објективно сега да збориме пред граѓаните таа нема да успее бидејќи Ковачевски ако го нападне Талат Џафери ќе му падне Владата. Ене вчера го гледаме таму на еден стадион во Чаир како навива помеѓу Али Ахмети и Талат Џафери седнат и тоа доволно јасно прикажува во каква улога е тој човек и зошто велиме дека е заробен. И сега како ние ќе правиме интерпелација единствено да ги слушнеме како се прпелкаат овие од СДСМ да го бранат Талат Џафери кој што ги пцуеше мајките на вработените во парламентот“, вели Христијан Мицкоски.

И блокадата но и најавата за протести е погрешен потег на ВМРО-ДПМНЕ и тоа тие го прават од политички причини, одговори премиерот Ковачевски.

„Досега велев опозицијата меѓутоа очигледно дека не е опозицијата туку дека се работи само за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи ги гледаме другите политички партии кои што имаат поодговорен пристап од опозицијата. Ова го прават од политички и лични причини се со цел заради обезбедување на некаква си внатрепартиски позиции во самата партија. Јас уште еднаш повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста која што ја имаат не пред партијата туку пред граѓаните“, посочи Димитар Ковачевски.

Веќе една недела ВМРО-ДПМНЕ како што спроведува блокада на Собранието, на, како што велат тие сите штетни закони. Од оваа партија најавија и дека ќе го блокираат изборот на уставни судии.