По хаосот во Собранието, со реакција се јави и Рама: Ние сееме, тие уништуваат!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Албанскиот премиер, Еди Рама, реагираше на хаосот во Собранието за време на денешната пленарна седница, на која пратениците од Демократската партија предизвикаа неред и ги запалија столчињата, откако ги изнесоа пред зградата.

„Кога доаѓав овде, некој ми покажа оваа слика… Ова е огнот запален со столчињата на пратениците, избрани да ги претставуваат своите гласачи, и тоа е знак на револт против судска одлука“, рече Рама на средбата „Пратеникот што го сакаме“.

Тој истакна дека „политиката има моќ да создава, но и да уништува“.

„Денес од нас се очекува одговорност, политичка претпазливост и посветеност кон реформите кои ги промовираат европските вредности. Меѓу овие две гледишта постои поделба: оние кои се обидуваат да лекуваат, да садат… и оние кои уништуваат, откорнуваат и палат“, додаде Рама.

Реагираше и Нико Пелеши, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија и поранешен министер за одбрана.

„Собранието треба да биде храм на етиката и почитувањето на правото, а не сцена за насилно кршење на законот. Нашите пратеници не се таму за да се борат со столчиња, туку да расправаат со зборови. Не може да се толерира ништо што е забрането на обичниот граѓанин, а особено не насилството“, порача Пелеши.