По интервју на Канал 5 телевизија, лидерите на двете најголеми политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски завршија во самоизолација.
Главниот и одговорен уредник на куќата, Гоце Михајловски почувствувал симптоми по враќањето од Прилеп, каде бил во посета на неговите родители за време на викендот.
„Првите симптоми кај колегата Михајлоски се појавиле во ден недела, 5 Април, кои биле во форма на малаксаност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17.00 часот го напуштил работното место. Од понеделник, 6 Април, на барање на компанијата, колегата е во самоизолација а во меѓувреме тој забележува температура повисока од 38 степени, и бара од својот матичен лекар да добие упат за тестирање, но поради електронската анкета, нема доволни симптоми за да биде упатен на тестирање.“, соопштија од Канал 5 телевизија.
По ова на 7-ми април Михајловски имал и зголемена температура, по што направил и тест преку крв во приватна болница и истиот бил негативен. Од вчера бил хоспитализиран во Воената болница, а утринава ги информирал колегите дена е позитивен на Ковид-19.
Министерот за здравство вели дела на двајцата лидери им е препишана 14 дневна самоизолација.
„Сите оние кои досега имале контакт со нив со оглед на тоа што двата резултати се негативни, не се во никаков ризик не треба да се тестираат, ниту треба да се самоизолираат.“, рече Филипче.
Мицкоски за ТВ21 вели нема симптоми и тестот е негативен, но не ја исклучува можноста за промена во состојбата. Вели дека направени им се итни тестови, а за новонастанатата ситуација го информирале вчера во вечерните часови.
„Па да, имав контакти со други лица но стручните лица рекоа бидејќи тестот е негативен не постои опасност за лицата со кои сум бил во контакт. Доколку тестот е позитивен тогаш, да ќе требаше со сите тие да се направи анекта и тестирање. Но, секако превентивно добро е сите тие доколку почувствува било каква тежина да оди и да се тестира. Јас најголемиот дел од нив веќе утрово разговарав и им кажав за новонастанатата состојба. Ги охрабрив доколку чувствуваат потреба да одат да се тестираат.“, изјави Мицкоски.
Резултатите од тестот на лидерот на СДСМ пристигнаа попладнево и тие се негативни.
„Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица.“, напиша Заев.
Министерката за финансии на прес конференција рече дека имала контакти таа и сите остнати во партијата со лидерот Заев, но додава дека ќе ги чекаат резултатите од тестирањето по што ќе знаат какви мерки да преземат.
Во регионот досега неколку функционери се во изолација, а дел од нив се и позитивни на вирусот. Меѓу нив е и синот на Претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Во светот Борис Џонсон е во болница по влошување на ситуацијата и позитивниот тест на Ковид-19.
