По три мандати заминува Фатмир Дехари: Александар Јовановски – нов градоначалник на Кичево

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По три последователни мандати, Фатмир Дехари повеќе нема да биде градоначалник на Кичево. Во вториот круг од локалните избори, победник излезе Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ со разлика од 2.020 гласови. Во своето обраќање Јовановски рече дека за време на неговиот мандат нема да прави никакви етнички, политички или верски поделби.

„Ми го исполнивте срцето со тоа што ми ја дадовте довербата. Не гласавте за мене како Македонец, гласавте за мене како човек кој ќе ви донесе подобра иднина. И верувајте, тоа ќе се случи уште од утре. Ќе почувствувате кој е вашиот брат, кој е вашиот сосед, кој е вашиот лекар, кој е вашиот градоначалник. Нема да правам никаква етничка, политичка или верска поделба. Сите ние сме кичевчани, живееме тука со векови, сакаме да живееме добро“, изјави Александар Јовановски, градоначалник на Кичево.

Нешто пред завршувањето на броењето на гласовите, Дехари изјави дека резултатите од локалните избори не се задоволителни.

„Драги сограѓани, многу почитувани иселеници, Бидејќи сум длабоко благодарен за вашата безрезервна поддршка низ годините, ви благодарам со понизност и со отворено срце. Му посакувам на Семоќниот Бог да ве благослови вас и вашите семејства со здравје и добрина. Резултатите од локалните избори за нашиот град не се задоволителни, но ве молам за спокојство, трпение и разбирање“, изјави Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево во заминување.

Јовановски освои вкупно 14.228 гласа, а Дехари 12.208.