Ноќеска почна летното сметање на времето, а стрелките на часовникот од два часот се поместија еден час нанапред и станаа три.
Одлуката за воведување на летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.
Многумина се прашуваат како менувањето на часовникот влијае на здравјето?
Менувањето на часовникот нема да создаде дополнителна дневна светлина, но го поместува времето на изгрејсонце и зајдисонце, што предизвикува нарушувања во нашиот биоритам.
За некои, ова е само мала привремена непријатност, но за многумина сè уште предизвикува дополнителни негативни последици.
Некои студии покажаа дека, неколку дена по менувањето на часовникот, ризикот од срцев удар се зголемува, но главната и најширока последица е заморот, кој влијае на многу аспекти од нашиот живот.
Меѓу најчестите нуспојави од поместувањето на часовникот е несоницата, која, покажаа истражувањата, најлесно паѓа на „ноќните птици“. Освен тоа, поместувањето на часовникот може да ја наруши хормоналната слика и да предизвика низа проблеми како главоболки, нервоза и депресија, но и да предизвика хроничен замор и чувствителност на временските промени.
Заморот може да ја намали продуктивноста и концентрацијата и да влијае на општата состојба на телото. Може да доведе и до депресија, а докажан е и зголемен број на сообраќајни несреќи неколку дена по промената на часовникот, што најверојатно е предизвикано од уморни и ненаспани возачи.
Иако сите овие последици кај повеќето луѓе поминуваат по неколку дена поместување на часовникот, зошто да не го олесните овој период и да ги избегнете тешкотиите во секојдневниот живот.
Совети за полесен премин на летно сметање на времето
- Осум часа сон нека ви биде приоритет
- Не заборавајте да јадете здрав појадок наутро
- Прошетајте. Сончевата светлина помага да се прилагоди биоритамот