За првпат во Скопје се одржува Саем на книга на албански јазик.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека овој саем ќе стане трајна традиција која ќе расте од година во година.
„Овој саем, покрај тоа што е голем културен настан, е доказ дека албанскиот јазик продолжува да живее, да создава и да се збогатува. Во исто време, тој е израз на силата на албанскиот збор, кој продолжува да ги надминува времето и границите.“, порача Изет Меџити.
Писателот Али Алиу порача манифестацијата треба да биде сакана и негувана од сите, бидејќи досега недостигала присутноста на книгата во Скопје.
„Навистина е историски момент, бидејќи недостасуваше еден ваков саем. На Скопје му недостасуваше прифаќањето на книгата, а сега ќе биде рамноправно со Меѓународниот саем на книгата во Тирана и Меѓународниот саем на книгата во Приштина.“, вели Али Алиу.
„Нашиот јазик, колку е убав“ е мотото на овој саем, рече Ирена Точи, извршна директорка на Институтот на книгата, која нагласи дека саемите во Тирана, Приштина, Улцињ и Скопје претставуваат мозаик што ја покажува силата на нашиот јазик.
„Сите заедно ќе успееме, ќе го заштитиме овој јазик и ќе го издигнеме на уште повисоко ниво. Институтот на книгата и промоцијата, заедно со општината, одлучија овој саем да го претворат во традиција“, вели Ирена Точи.
Публицистот Намик Докле изјави дека овој саем нема вредност само за писателите и издавачите, туку претставува и национална вредност.
„Авторот, издавачот и читателот се неразделно трио и можат да функционираат само како такви. Воедно сметам дека, покрај тоа што е празник на книгата, на авторите и издавачите, на писателите и проучувачите на нашата литература, ова е и празник на албанскиот јазик.“, вели Намик Докле.
Инаку, саемот ќе трае три дена, почнувајќи од денес на плоштадот „Скендербег“. На последниот ден од саемот ќе бидат доделени и литературни награди.
