Сашо Мијалков и Орце Камчев од затворот во „Шутка“ беа спроведени во Кривичен суд каде повторно седнаа на обвинителната клупа. Кривичен денеска го почна судењето за „Плацовите на Водно“, во кој освен Мијалков и Камчев, обвинети се и екс-премиерот Никола Груевски, Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Сите се товарат за перење пари и прикривање имот.
„Обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт што го тврдиме, ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба“, истакна Лиле Стефанова.
Според обвинението, Мијалков му помогнал на екс-премиерот Груевски да купи земјиште на Водно и да го прикрие изворот на парите. Но, Ѕвонко Давидовиќ, бранителот на Сашо Мијалков, вели дека обвинението против неговиот клиент е исконструирано.
И одбраната на Камчев смета дека не е виновен за делото кое му се става на товар.
Обвинителката Стефанова побара обвинетите да се прогласат за виновни за делата и да се конфискува целиот имот кој се спомнува во обвинителниот акт. Според обвинението, Никола Груевски во период од 2006 до 2012 година, за себе прибавил 1.3 милиони евра, примени како донации за финансирање на партијата, пари кои не ги пријавил. Истрагата за „Плацовите на Водно“ е отворена во октомври 2020 година, а обвинението пристигна во Суд во мај годинава. Случајот го води судијата Илија Трпков.
