По повеќе од година од првото закажано рочиште за судењето за предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Кривичниот суд во Скопје странките дадоа воведни говори.Случајот, поради промена на составот на судечкиот совет почна од почеток и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Ленче Ристевска.
Во воведниот збор, обвинителката Ристевска рече дека ќе докажат како обвинетите презеле низа активности за финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, што се спротивно законските одредби за финансирање на политичките партии, а со тоа оствариле финансиска предност од околу 4.6 милиони евра во однос на другите партии.
– Со предложените вербални и писмени докази ќе докажеме дека обвинетиот Никола Груевски ја искористил својата позиција во општеството и организирал противправно финансирање на партијата. Во тоа бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, изјави Ристевска.
Посочи дека активностите не престанале со обезбедување на противправно обезбедување на средства за политичката партија и дека ќе докажат дека обвинетите Илија Димовски и Леко Ристоски организирале уплата на тие средства од лица, како да уплатуваат сопствени парични средства, со цел тоа да се покаже како легитимно финансирање на партијата.
Обвинителката, нагласи, дека ваквите околности ќе ги докажат со искази од предложените сведоци и докази кои ќе бидат презентирани во текот на главната расправа.
Одбраната на обвинетиот Никола Груевски, во воведен збор, рече дека ќе докажат дека обвинетиот Груевски не ја злоупотребил својата позоција и остварил протовправна финансиска корист за партијата, тоа ќе го докажат, како што наведоа, со фактот дека партијата ВМРО-ДПМНЕ има голем број симпатизери и поддржувачи кои ја финансираат во согласност со Законот за финансирање на политичките партии.
– Ќе докажеме дека е невистинито тврдењето дека тој или друг од партијата користеле противправни начини за финансирање на партијата, преку давање противуслуги на правни лица за давање јавни услуги за централаната и локалните власти, изјави адвокатката.
Одбраната, посочи таа, ќе докаже дека ЈО не може да докаже надвор од основано обвинение дека обвинетиот Никола Груевски го сторил кривичното дело за кое се товари.Одбраната на обвинетиот Кирил Божиновски, во воведен говор, наведе дека со изнесување на докази ќе докажат дека тој не ги сочинувал завршните извештаи и не ги организирал наводните уплати на средства за политичката партија. Посочи дека пред судот се водат уште два предмети со многу слично обвинение „Титаник“ и „Талир 2“, што создава забуна и најави дека размислуваат да побараат спојување со предметот „Талир 2“.
Одбраната на обвинетиот Миле Јанакиески, во воведен збор, рече дека на прво место обвинението не смеело да биде прифатено со оглед на рокот до кога смеело да биде поднесено истото, но и дека нема опис на делото за кое се товари.
– Божиновски и Јанакиески се обвинети дека помогнале на извршителот Никола Груевски како одговорно лице во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а диспозитивот на обвинетелниот акт никаде не зборува за посебни овластувања и должности кои ги прекршил Груевски за да може вака да се постави обвинението. Па, ако според тој опис Груевски не можел да стори кривично дело за кое се товари, во што тогаш го помагале обвинетиот Јанакиески и Божиновски. Што да ви докажувам со ваков опис, па се гледа дека нема опис и нема дејствие, рече адвокатот.
