Денешниот ден на кој е овозможено да гласаат лицата заболени со Ковид 19 и оние кои се во изолација и официјално го означи почетокот на изборите кој за прв пат ќе трае три дена. За денешното гласање формирани се посебни избирачки одбори во кои има и здравствени работници. Портпаролот на Државната изборна Комисија Адмир Шабани појасни како ќе се гласа овие денови.
„Денеска правото на глас ќе може да го остварат гласачите кои се позитивни на Ковид 19 или кои се во самоизолација. Болните и немоќните лица ќе можат да го остварат своето право на глас на 14-ти, исто така своето право на глас ќе може да го остварат и лицата кои се наоѓаат во Казнено поправни установи“, истакна Адмир Шабани.
Шабани уште еднаш појасни дека важечки ливчиња ќе бидат само оние на кои правилно се гласало.
„Граѓаните своите гласачки ливчиња треба а ги обележат со заокружување на редниот број пред подносителот на листата. Ниту еден друг знак не смее да биде ставен во гласачкото ливче, затоа што во таков случај, гласачкото ливче ќе биде сметано за неважечко. Ниту еден друг знак не смее да биде ставен во гласачкото ливче, затоа што во таков случај гласачкото ливче ќе биде сметано за неважечко“, посочи Шабани.
Од Државната изборна комисија велат дека на одредени гласачки места е забележано дека има партиски пропагандни материјали, но дека пред да почне гласањето во среда, тие ќе бидат отстранети од избирачките одбори.
