Почнува 47. издание на Скопско лето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вечерва, со концертот „Аманет во свила – Звуците на Македонија од Византија до денес“, свечено ќе започне 47. издание „Скопско лето“, фестивал кој речиси пет децении претставува еден од носителите на културните настани во културата и уметноста во главниот град на земјава.

Првиот концерт на овогодинешното издание почнува во 20:30 часот во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. „Аманет во свила“ ги спојува византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз во една сценска целина што го носи духот на просторот низ вековите. На сцената настапуваат Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ со солистот Петар Христов, а гости на концертот се Ана Митовска, Горан Трајкоски, Гоце Ристовски, Александар Ицковски и Симон Облешевски.

Воедно, Државниот архив на Македонија, во рамките на свеченото отворање на Скопско лето, ќе ја претстави изложбата „Ризница на постоењето – од документ до историја“. Изложбата ќе биде достапна за посетителите до среда, 24 јуни, а се организира по повод 75 години од постоењето на институцијата. На неа ќе се претстават дел од најзначајните документи кои се чуваат во Централниот архив и неговите девет одделенија – сведоштва што ја градат историјата и културната меморија на Македонија.