Поделеност во власта околу Законот за амнестија – Спасовски е против, од ДУИ велат дека овој закон има хумана димензија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поделеност во власта околу законот за амнестија кој е на предлог на министерот за правда Кренар Лога.  Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го повтори својот став дека не се согласува со предложениот закон, додавајќи дека со него нема да се постигнат никакви ефекти. Тие што добиле затворски казни треба да си ги издржуваат. Ставот пак на партијата од каде што доаѓа, вели дека ќе го кажат пратениците.

„Со законскиот текст не се постигнуваат ефекти и треба да се размислува стратешки во правец на создавање на услови за да може тие кои што се за издржување на казните а не преку амнестии да ослободуваме простор во казнено поправни установи. Расположението односно ставовите политички ќе ги артикулираат пратениците во Собранието“, вели Оливер Спасовски.

Наспроти ваквата изјава на Спасовски, вицепремиерот Бојан Маричиќ пак смета дека токму амнестијата може да помогне во растоварување на затворите.

„Се додека целта на тој закон е оние кои што се казнети со помали казни или оние кои што веќе издржале голем дел од својата казна да можат да бидат ослободени, се додека ја има таа цел мислам дека треба сериозно да се разгледа бидејќи знаеме дека тоа е еден начините како да се растоварат затворите“, вели Бојан Маричиќ.

Поддршка за законот има и од ДУИ. Координаторот на пратеничката група Арбр Адеми со став дека законот има хумана димензија. А најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека доколку му се стави европско знаменце ќе излезат од Собранието рече дека тоа не и оди во прилог на партијата.

„Мислиме дека интенцијата на Министерството за правда е издржана, да има похумани услови за сите тие кои се по затворите. Така што во оваа насока мислам дека само ќе придонесеме за да се обезбедат услови кои што мораме како држава да ги обезбедиме“, вели Арбр Адеми.

Според пратениците од албанската опозиција, пак, ваков закон е во насока на политичка пропаганда пред избори.

„Предлог законот за амнестија е од политички побуди, политички интереси на одредени кругови во власта. Кажувам на одредени кругови затоа што се гледа дека и таму веќе не стојат сите зад овој предлог, значи имаме веќе од одредени политичари, пратеници и министри дека се спротивставуваат на предлог на законот. Значи предлогот на законот се прави за политички цели и пред избори, се знае во какви околности се носат вакви закони“, порача Фадиљ Зендели.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера рече дека тие не го поддржуваат законот и ќе го блокираат, но доколку власта се одлучи да го протне со европско знаменце се заканија дека ќе излезат од Собранието. Законот за амнестија се уште не е пристигнат во парламентот, иако тој пред 6 дена беше усвоен од Владата.