Подготвен предлогот за разрешување на Коцевски – Министерство за правда: Има сомнежи за непристрасноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за правда ја подготви документацијата за предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Оттаму сметаат дека Коцевски е одговорен за општите состојби во ресорот. Од Министерството соопштија дека изминатиот период јавноста била сведок на низа скандали, незаконски постапувања, корупција, неефикасно гонење.

„Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките“, велат од министерството за правда.

Овој допис Министерството го испратило до Владата, од каде треба да го препратат до Советот на јавни обвинители. Од Советот ќе се очекува позитивно или негативно мислење за разрешувањето на Коцевски. Претходно, оттаму истакнаа дека ќе одговорот во законски предвидениот рок од 15 дена.

„Кога ќе биде доставен предлогот ќе се произнесеме“, изјави Душица Димитриеска, претседател на Совет на ЈО.

Коцевски во Собранието може да биде разрешен со 61 глас. Премиерот Христијан Мицкоски претходно го повика тој самиот да поднесе оставка, за да се скратат процедурите за избор на нов државен обвинител. Од Обвинителството нема одговор како Коцевски ќе постапи. Според Мицкоски, наредниот државен обвинител треба да бескомпромисен во борбата против криминалот и корупцијата, а Коцевски досега имал време да се покаже на функцијата.