Покрај Георгиевски, уште еден вработен позитивен на коронавирус во општина Гази Баба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од општина Гази Баба преку соопштение информираат дека градоначалникот Борис Георгиевски, поради хронична болка во пределот на бубрезите на ден понеделник 08.06.2020година, а по извршен медицински преглед и пропишана лекарска терапија, останува на домашно лекување и работните обврски ги извршува од дома, како и преку онлајн платформите за комуникација.

Во текот на вчерашниот ден, поради пројавени болки во пределот на градите, Георгиевски е упатен на дополнителни лекарски прегледи, по што по препорака на пулмолог е испратен на дополнителни испитувања во Клиничкиот центар во Скопје, каде му е направен и тест за Ковид-19 чии резултати денес се позитивни.

Градоначалникот Борис Георгиевски во моментов е на Инфективната клиника во стабилна состојба, а неговото семејство е во домашна самоизолација, без никакви симптоми поврзани со коронавирусот.

Исто така, во текот на вчерашниот ден е доставено известување од вработено лице во општината чиј тест за Ковид-19 е позитивен. Вработената во општина Гази Баба е во стабилна состојба, без симптоми и целосно ги следи препораките на лекарите и епидемиолозите.

„Ја информираме јавноста дека во текот на своето работење, градоначалникот Борис Георгиевски, како и останатите вработени во општина Гази Баба постојано ги следат и почитуваат препораките и мерките за заштита од Ковид-19. Сепак, според протоколите за функционирање, општина Гази Баба веќе е во редовна комуникација со тим епидемиолози кои ја разгледуваат новонастанатата состојба и се преземаат нивните препораки и мерки за понатамошно постапување“, додаваат од општината.

Потенцираат дека во меѓувреме, општинскиот кризен штаб продолжува со редовна работа со цел заштита на здравјето на секој наш сограѓанин и е раководен од страна на Јовица Ѓоргиевски, началник на Општинскиот кризен штаб .

Општинската администрација останува целосно во служба на граѓаните на Гази Баба. Со потполно почитување на сите препораки и мерки кои имаат за цел зачувување на здравјето на вработените играѓаните, истовремено продолжуваме со работа за редовно исполнување на барањата и потребите на сите граѓани и правни лица.

Како и досега, за сите преземени активности кои произлегуваат од тековното работење и надлежности на општина Гази Баба, навремено ќе ја информираме јавноста.