Покрената голема истрага, се бара помош од граѓаните: Објавени фотографии од девојчето за кое се сомнева дека е Данка!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Виенската полиција денеска, по налог на јавниот обвинител на Австрија, побара објавување нови фотографии на кои се гледа девојче кое личи на исчезнатата Данка Илиќ, како и две жени.

Како што се наведува во полициското соопштение, потерницата е распишана бидејќи постои сомнеж за киднапирање на детето, а воедно се повикуваат сите кои ги познаваат жените или знаат каде се наоѓаат веднаш да се обратат во полиција.

Австриската полиција претходно денеска соопшти дека семејството на исчезнатата Данка Илиќ претпоставува дека двегодишното девојче е на видеото што е направено на трамвајската станица во Виена.

„Откако роднините на исчезнатото девојче ја погледнале снимката, претпоставиле дека е голема веројатноста дека станува збор за девојчето од Србија“, се вели во соопштението на полицијата.

Се додава дека видеото до австриските власти го проследил маж кој на трамвајската станица „Шотенринг“ наишол на мало дете во придружба на две возрасни жени и ја забележал сличноста меѓу снименото дете и двегодишната Данка Илиќ.

„Српските власти потоа ја контактираа полицијата во Австрија, а истрагата за сомнежот за киднапирање на детето ја презеде виенската државна криминалистичка полиција“, се вели во соопштението.

Данка Илиќ исчезна на 26 март во близина на Бањско Поље во Бор, а потрагата по неа трае оттогаш.