Политичката сцена во Битола ескалира со меѓусебни обвинувања помеѓу локалните ограноци на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. На денешната прес-конференција, претседателот на СДСМ Битола, Методија Куновски, обвини дека пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски, додека бил директор на ЈП Водовод, распределувал средства без критериуми и правна основа, што довело до дополнително задолжување на претпријатието.
Куновски истакна дека Милевски, заедно со градоначалникот Тони Коњановски, ја игнорирал потребата за отчет и одговорност, додека, како што рече, шестмина вработени добиле награди во висина од речиси 600.000 денари. Според него, овие злоупотреби резултирале со зголемени трошоци за граѓаните на Битола, без реализација на капитални проекти.
„Спрегата Коњановски – Милевски им донесе можност за дополнителна заработка на поединци, но ја остави Битола во долгови и без напредок,“ изјави Куновски, повикувајќи на одговорност и отчет.
Одговорот на ВМРО-ДПМНЕ пристигна преку прес-конференција на портпаролката на ОК Битола, Ангела Здравковска, која остро го критикуваше Куновски и СДСМ.
„Со кој кредибилитет Методија Куновски држи прес-конференции кога самиот служеше на криминалците во СДСМ? Наместо да се огради од Заев, Димитар Ковачевски и останатите, тој продолжува да биде дел од распаднатата партија,“ рече Здравковска, обвинувајќи го СДСМ за манипулации и конструкции.
Здравковска го критикуваше СДСМ за, како што рече, „дискредитации и празни зборови“ кои немаат поддршка кај граѓаните.
„Последната одлука ја носат граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на правда и борба против криминалот,“ додаде таа, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и Владата нема да отстапат од принципите на правдата.